Илјадници граѓани вечерва маршираа од Владата во Скопје, преку Министерството за правда до Собранието, протестирајќи против францускиот предлог за почнување на преговори на Македонија со Европската унија.
Протестите беа организирани под мотото „Против бугаризација на Македонија“ и „Ултиматум – Не благодарам“, а повици за денеска протестите упатија опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица.
Демонстрантите носае и транспаренти на кои пишуваше „Со фашисти не се преговара“, пред Собранието беа одржани говори, на кои беа упатени повици во следниве денови на протестите да излезат што повеќе граѓани за да направат притисок врз власта да не го прифати францускиот предлог за почнување на преговори со ЕУ.
Ова беше нов протест по два дена пауза, откако во петокот граѓани кои не се согласуваа со францускиот предлог го блокираа булеварот пред Владата, но и магистралните патишта Штип – Велес, Струмица – Радовиш и Плетвар – Прилеп.
Денешниот собир траеше околу два часа на кој немаше инциденти, а говорниците најавија дека утре повторно ќе биде организиран протест со почеток во 19 часот.
На некои протести минатава седмица ситуацијата ескалираше, со фрлање јајца, камења и други предмети кон Владата и Собранието, но потоа страстите се смирија.
Владата на 30 јуни го објави францускиот предлог за почнување на преговори на со ЕУ составен од три документи, по што во земјатва започнаа протести на кои присуствуваат илјадници граѓани.
Демонстрантите бараат отфрлање на предлогот за кој сметаат дека е срамен за државата и оставки на функионерите во Владата.
Инаку, францускиот предлог за почнување на преговори со ЕУ се очекува пратениците во македонското Собрание да го разгледуваат откако ќе помине ребалансот на буџетот, според информации кои РСЕ го доби од собраниски извори.
Претседателот на Собранието Талад Џафери во петокот на 8 јули изјави дека на редовната понеделничка координација во Собранието треба да се разговара за тоа кога би можело да се одржи пленарна седница за владината информација за предлог преговарачката рамка за пристапни преговори со ЕУ.