Петков - Северна Македонија да го избере европскиот пат, протестите во Скопје продолжуваат

Бугарскиот премиер во оставка Кирил Петков.

Бугарскиот премиер во оставка Кирил Петков изјави дека предлогот на француското претседателство е ислучително добар за Софија кој направил бугарските позиции да станат и европски.

Тој вели дека во Северна Македонија во моментов е многу тешко да се прифатат тие позиции, но вели дека земјава тоа треба да го направи и да избере европски пат.

Во интервју за БТВ, Петков вели дека би било ужасно ако Албанија гопродолжи пристапниот процес за членство во ЕУ, а Северна Македонија остане надвор од него.

„Во Северна Македонија треба да сфатат дека ако сакаат да се развиваат, европскиот пат е единствениот пат за таа држава“, вели Петков.

Францускиот предлог за почнување на преговори со ЕУ се очекува пратениците во македонското Собрание да го разгледуваат откако ќе помине ребалансот на буџетот.

Владата на 30 јуни го објави францускиот предлог за почнување на преговори на Северна Македонија со ЕУ составен од три документи, по што во земјатва започнаа протести на кои присуствуваат илјадници граѓани под мотото “Стоп за бугаризација на Македонија“. Повиците за протести ги упатија опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица.

Претседателот на Собранието Талад Џафери во петкот на 8 јули изјави дека на редовната понеделничка координација во Собранието треба да се разговара за тоа кога би можело да се одржи пленарна седница за владината информација за предлог преговарачката рамка за пристапни преговори со ЕУ.

Вечерва во 19 часот продолжуваат протестите во Скопје против францускиот предлог под мотото „Ултиматум, НЕ благодарам“.