МНР - Османи нема да оди на состанокот на Мешовитата меѓувладина комисија во Банско

Зградата на Министерство за надворешни работи

Македонското Минстерство за надворешни работи МНР соопшти дека министерот Бујар Османи нема да оди на годишниот состанок на Мешовитата меѓувладина комисија во Банско.

Соопштението доаѓа откако бугарското Министерството за надворешни работи соопшти дека Османи е пканет на годишниот состанок на Мешовитата меѓувладина комисија.

Од македонското МНР велат дека ја известиле Софија оти Османи како претставник на Владата во овој период ќе се фокусира на процесот во Собранието, каде треба да се расправа за францускиот предлог.

„Нотата е стигната во МНР, но Софија е известена дека во овој период Османи ќе се фокусира на процесот во Собранието, а експертите од двете министерства ќе продолжат со работа. Доколку се појави потреба, Османи и Генчовска повторно ќе одржат онлајн средба“, велат од македонското МНР.

Во соопштението на бугарското МНР се вели дека состанокот би се одржал на 9, 10 или 11 јули во Банско, а дека на него треба да се разгледа исполнувањето на Договорот за добрососедство во изминатиов период, и да се превземат мерки за подобрување на двостраната соработка во сите сектори.

Францускиот предлог за почнување на преговори со ЕУ се очекува пратениците во македонското Собрание да го разгледуваат откако ќе помине ребалансот на буџетот, според информации кои РСЕ ги доби од собраниски извори.

Претседателот на Собранието Талад Џафери вчера изјави дека на редовната понеделничка координација во Собранието треба да се разговара за тоа кога би можело да се одржи пленарна седница за владината информација за предлог преговарачката рамка за пристапни преговори со ЕУ.

Во меѓувреме, опозицијата ги повика граѓаните да излезат на нов протест против предлогот, откако вчера и денеска немаше протести, а наредниот е закажан за в недела во 19 часот пред Владата.