Бугарија го покани Османи на годишниот состанок на Мешовитата меѓувладина комисија

министерот за надворешни работи Бујар Османи

Бугарското Министерството за надворешни работи денеска соопшти дека вчера испратило покана до министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи за одржување на годишниот состанок на Мешовитата меѓувладина комисија, според членот 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.

Како што пренесува МИА, во соопштението на бугарското МНР се вели дека состанокот би се одржал на 9, 10 или 11 јули во Банско, а дека на него треба да се разгледа исполнувањето на Договорот за добрососедство во изминатиов период, и да се превземат мерки за подобрување на двостраната соработка во сите сектори.

Бугарија како членка на ЕУ од 2019 година ја блокира Северна Македонија да почне пристапни преговори со ЕУ, а двете земји го потпишаа Договорот за добрососедство во 2017 година. Бугарија не го признава македонскиот јазик, а кога бугарското Собрание го одобри предлогот на Франција постави и 4 услови за Северна Македонија: ефикасно имплементирање на Договорот за добрососедство, европски гаранции дека бугарските услови ќе бидат исполнети, гаранција за правата на Бугарите во Македонија со нивното вклучување во Уставот и дека ништо во пристапниот процес на Македонија нема да биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик од страна на Бугарија.

На 30 јуни Владата го објави францускиот предлог за кој вели дека со него се заштитени македонски јазик и идентитет, а опозицијата вели дека тој ќе значи бугаризација на Македонија и повика на протести на кои учествуваа илјадници граѓани во изминатава недела.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска изјави дека дека чекањето нов предлог нема да и биде во прилог на државата, бидејќи досега имало предлози кои биле или за земјава целосно прифатливи, а за Бугарија неприфатливи, или обратно.

„Мислам дека сега сме на точката каде што имаме компромисно решение, каде што и ние сме задоволни за некои работи, за некои помалку задоволни и Бугарија е да речеме за многу работи можеби незадоволна меѓутоа ја искористивме онаа ситуација една Влада заминува, а Парламентот изгласа некоја позиција, што е во некоја рака добро за нас“, изјави Маричиќ.

Инаку, францускиот предлог за почнување на преговори со ЕУ се очекува пратениците во македонското Собрание да го разгледуваат откако ќе помине ребалансот на буџетот, според информации кои РСЕ ги доби од собраниски извори.

Претседателот на Собранието Талад Џафери вчера изјави дека на редовната понеделничка координација во Собранието треба да се разговара за тоа кога би можело да се одржи пленарна седница за владината информација за предлог преговарачката рамка за пристапни преговори со ЕУ.

Во меѓувреме, опозицијата ги повика граѓаните да излезат на нов протест против предлогот, откако вчера и денеска немаше протести, а наредниот е закажан за в недела во 19 часот пред Владата.