Светските лидери изразуваат сочувство за смртта на поранешниот јапонски премиер Абе

Поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе кој почина откако беше застрелан за време на политичка кампањата

Лидери на земји од целиот свет денеска му оддаваат почин на поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе кој почина откако беше застрелан за време на политичка кампањата два дена пред изборите.

Лидерите изразуваат тага и шокираност поради атентатот на шеесет и седумгодишниот Абе, кој беше лидер со најдолг стаж во Јапонија пред да се повлече во 2020 година од здравствени причини. Абе беше застрелан во градот Нара во западна Јапонија додека држеше предизборен говор на железничка станица.

Американскиот претседател Џо Бајден рече дека е „запрепастен, огорчен и длабоко натажен“ и му изрази сочувство на семејството на Абе.

„Тој беше шампион на пријателството меѓу нашите народи“, напиша Бајден на Твитер.

Австралискиот премиер Ентони Албанес рече дека Абе е еден од најблиските пријатели на Австралија и „гигант на светската сцена“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на Твитер изрази „најдлабоко сочувство до неговото семејство и народот на Јапонија“.

„Овој грозоморен чин на насилство нема оправдување“, додаде тој.

Јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол рече дека пукањето кон Абе е „неподнослив криминален чин“, соопшти неговиот кабинет.

Иран го осуди пукањето како „терористички чин“.

Меѓу оние кои изразија сочувство се и лидерите од Германија, Индија, Пакистан, Шведска, Италија, Велика Британија, Шпанија и Филипините.

Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, чие време на владеење во голема мера се преклопуваше со времето на Абе, рече дека е „длабоко шокирана и уништена од кукавичкиот и подол атентат“.

Индискиот премиер Нарендра Моди објави Ден на национална жалост на 9 јули како знак на најдлабока почит кон Абе.

Пукањето кон Абе е редок пример на оружено насилство во Јапонија, која има строги закони за оружје и ниско ниво на насилен криминал.

Јапонскиот премиер Фумио Кишида, кој се врати во Токио од предизборните настани, го осуди атентатот. Тој рече дека ќе продолжи кампањата за изборите на 10 јули.

Полицијата соопшти дека 41-годишен маж е осомничен дека го извршил пукањето. Тој рекол дека бил незадоволен од Абе и сакал да го убие.

Абе беше премиер на Јапонија од декември 2012 до септември 2020 година, што го прави премиер со најдолг стаж во земјата.