Спасовски: Полицијата го спречи инцидентот кај „Скендербег“

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека полицијата го спречила синоќешниот инцидент кај плоштадот „Скендербег“, кога едно лице впери пиштол, а други фрлаа со предмети кон граѓаните што протестираа. Спасовски покажа и фотографија на која се гледа реакција на полициски службеник кон лицето со пиштол и други лица. Според него, полицијата спречила инцидент кој можел да има поголеми размери. „Ќе видите дека полицијата го спречила инцидентот и тоа поголем број на полициски службеници. Погледнете ги видеата коишто беа објавени од медиумите и од нас. Еве само една слика ќе ви покажам кај што полицијата интервенира на лице место. Не треба да дојде до ова секако. За да не дојде до ова секој еден граѓанин мора да знае дека мирни протести мора да бидат, рече Спасовски кој беше во посета на Идризово.

Инцидент кај Мавровка, цвеќе пред МНР, запалена слика пред Собрание - протести против францускиот предлог

Никому, како што изјави тој, не му е дозволено да вади огнено оружје и да загрозува безбедност на ниту еден граѓанин во државата и побара никој да не оправдува вадење на огнено оружје во јавност. Тој апелираше на мирни протести. „Апсолутно можеше да дојде до многу поголеми последици. Затоа апелирам и до граѓани и до политичките субјекти и сите коишто учествуваат на протестите да бидат на мирни протести. Вандализмот и насилството нема да даде резултати во ниту еден случај и тоа за која било тема или постапка да интервенираме во јавноста“, рече Спасовски. Министерот за внатрешни работи беше дециден дека таму имало распоредено доволен број полициски службеници, како и инспектори. Лицето што фрли молотов коктел кон Собранието, според Спасовски, било веќе уапсено. Според него, оперативни сознанија за можни инциденти има секаде каде што се движат или престојуваат лица што одат на протестите.