ССМ најавува колективна тужба и нови форми на притисок за усогласување на сите плати со минималецот

Протест на ССМ пред Собранието, 22 јуни 2022

Сојузот на синдикати на Македонија најави поднесување колективна тужба поради непочитување и неусогласување на колективните договори со Законот за минимална плата како и отсуството на социјален дијалог.

Како што изјави претседателот на ССМ, Дарко Димовски, тужбата ќе биде поднесена пред домашните судови и пред Советот на Европа. Тој ја повика Владата доколку навистина има волја да ги усогласи колективните договори, тоа јавно да го каже и да се потпише спогодба со која ќе биде загарантирано усогласувањето на останатите плати со порастот на минималната плата.

„До септември, ние работниците ќе најдеме начин како да преживееме, ама да знаеме и да потпишеме спогодба со која ќе ни бидат загарантирани 18,4 проценти од септември“, рече Димовски.

Во однос на штрајкот во јавниот сектор, Димовски информираше дека ќе се оди со други форми на притисок со кои ќе се изрази незадоволството.

Штрајкот во јавниот сектор почна на 22 јуни. Досега, синдикатот потпиша успгласување на платите во 33 јавни претпријатија со што се опфатени над 12 илјади работници, а се преговара со уште 12 комунални претпријатија. Договори се потпишани и со пет општини, а во тек се преговари со уште 14.