МВР за синоќешните протести: 47 повредени полицајци, 11 приведени демонстранти

МВР - приведени 11 демонстранти на протестите против францускиот предлог.

Четириесет и седум повредени полициски службеници од кои 11 потешко, приведени 11 демонстранти и причинета материјална штета е епилогот од синоќешните протести против францускиот предлог. Министерството за внатрешни работи информира дека се повредени 47 полициски службеници од кои 11 потешко, а двајца имаат сериозни повреди. На сите повредени полициски службеници им е укажана лекарска помош, а потешко повредените се пренесени во медицинските установи за санирање на повредите и медицинска нега.

Ескалација на протестите - повредени и приведени пред Собранието

За време на протестот оштетени се и прозорците и фасадите на Владата, Собранието и Министерството за надворешни работи. Скршени се и 16 полициски штитови, повеќе заштитни полициски шлемови и радио-врски, а оштетено е и полициската куќарка пред Собранието и едно полициско возило. „Констатирани се повеќе нарушувања на јавниот ред и мир од страна на демонстрантите, кои фрлаа со камења, јајца, железни предмети, бекатон плочки, молотови коктели, сообраќајни знаци, канти за ѓубре и пиротехнички средства, како кон објектите, така и кон полициските службеници кои вршеа службени дејства обезбедувајќи ги државните институции“, се наведува во соопштението од МВР.

Полицијата ги потисна демонстрантите од пред Собрание

Оттаму информираат дека за време на протестите од страна на полицијата не биле употребени пиротехнички, ниту хемиски средства за разбивање на толпата. „МВР презема мерки за расчистување на случајот и апелира до организаторите на протестите и до граѓаните да покажат демократски капацитет, протестите да бидат мирни и демократски, да ги сочуваме редот, мирот и безбедноста. Преку насилство кон оние коишто го одржуваат редот, кон македонската полиција и објектите на институциите, не се постигнува ништо; дијалогот треба да се води во институциите на системот“, велат од МВР.