Скопје, Москва, Чикаго...

ЕУ / РУСИЈА - Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика, Жозеп Борел оцени дека санкциите против Русија „веќе силно влијаат врз Владимир Путин и неговите соучесници, како и нивните ефекти врз рускиот економијата ќе се зголемува со текот на времето“. „Дали овие значајни и растечки влијанија ќе го наведат Владимир Путин да ги измени своите стратешки пресметки? Веројатно не во блиска иднина: неговите постапки не се водат пред се од економската логика“, вели високиот претставник на ЕУ во уводникот за денешниот весник „Политика“.

МАКЕДОНИЈА - Дополнителни 25 милиони денари или околу 400 илјади евра се обезбедени со вградените амандмани на ребалансот на Буџетот за годинава. Тие пари, како што соопшти Министерството за финансии се однесуваат на проекти во здравството, животната средина и инфраструктурата. Владата на денешната седница го усвоила дополнетиот ребаланс на Буџетот, во кој и приходите и расходите се зголемени во споредба со првичните проекции за ребалансот.

МАКЕДОНИЈА - Полицијата им се спротивстави на дел од демонстрантите кои претходно ја урнаа оградата пред Собрание и фрлаа со предмети кон полицијата и кон собраниската зграда за време на денешниот протест против францускиот предлог за тргање на бугарското вето.

МАКЕДОНИЈА - Претседателот на Собранието Талат Џафери како особено важна ја оцени посетата на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, оти доаѓа во време кога францускиот предлог влегува во собраниска процедура. Претходно Мишел се сретна и со премиерот Димитар Ковачевски и претседателот Стево Пендаровски.

УКРАИНА - Шефот на регионалната воена управа на Доњецк, Павло Кириленко, денеска ги повика цивилите да се евакуираат од источниот украински град Славјанск, по нападот врз централниот пазар во градот. Тој рече дека при нападот загинале најмалку две лица, а седум се повредени.

САД - Полицијата уапси осомничен по масовното пукање во кое загинаа шестмина на парадата на Денот на независноста на САД во богатото предградие Хајленд Парк надвор од Чикаго. По кратка бркотница со автомобил, Роберт Кримо (22) е приведен „без инциденти“, изјави на новинарите началникот на полицијата во Хајленд Парк, Лу Џогмен. Тој беше означен како „осомничен“ за пукањето, но по неговото апсење, полицијата рече дека верува дека тој и го извршил. Официјални лица соопштија дека околу дваесетина лица, вклучително и деца, се згрижени поради повреди од огнено оружје, а некои се во критична состојба.