Индонезискиот лидер му пренел порака од Зеленски на Путин

Украина - Украинскиот претседател Володимир Зеленски и индонезискиот претседател Џоко Видодо во Киев на 29 јуни 2022

Индонезискиот претседател Џоко Видодо изјави дека му доставил порака од украинскиот претседател Володимир Зеленски на рускиот претседател Владимир Путин. Тој се сретна со Путин на 30 јуни, а ден претходно беше во посета на Киев. Претседателот на Индонезија не ја откри содржината на пораката.

„Ја пренесов пораката на претседателот Зеленски до претседателот Путин“, рече Видодо и ја изрази својата „подготвеност“ да ја олесни „комуникацијата“ меѓу двајцата лидери.

Руската неиспровоцирана инвазија на Украина влезе во својата 19-та недела.

Индонезија во моментов претседава со Групата 20 најбогати нации и ќе биде домаќин на самитот на Г-20 во Бали во ноември.

„Иако надворешната ситуација е сè уште тешка, сепак е важно да се придвижиме кон решение и отворен дијалог“, рече Видодо во Москва.

Тој рече дека неговата земја би сакала „војната наскоро да заврши“.

По неколку состаноци меѓу руската и украинската делегација на почетокот на руската инвазија која започна на 24 февруари, мировните разговори главно се прекинати.

Зеленски рече дека ја прифатил поканата за самитот, но неговото присуство ќе зависи „од составот на учесниците на самитот“ - очигледно мислејќи на присуството на Путин.

Индонезија, наводно, била под притисок од неколку западни земји да не го покани Путин поради војната.