Во центарот на Скопје ќе патролираат лекарски тимови за помош од топлотен бран

Лето во Скопје, архивска фотографија

За справување со топлински бранови на граѓаните ќе им бидат на располагање мобилни екипи составени од лекар или парамедик (давател на итна медицинска помош), кои ќе патролираат низ центарот на Скопје, ќе делат вода и летоци со совети за заштита од топлото време, ќе мерат притисок на граѓани кои ќе се пожалат на тегоби, а за потешките случаи ќе биде обезбеден и транспорт до најблиската медицинска установа или до домот на лицето, информира Црвениот крст на град Скопје.

Ангажирани ќе бидат 20 волонтери од Тимот за одговор при катастрофи, пет возила кои ќе патролираат низ градот. Планирано е денеска и утре мобилните тимови да излезат на терен од 11 до 16 часот и да патролираат низ централното градско подрачје и на поголемите автобуски постојки. Активностите ќе продолжат согласно прогнозите за високите температури.

Во наредните денови следува период на многу топло време со дневни температури кои насекаде ќе бидат над 30 степени. Поради зголемената влага во атмосферата ќе се има чувство дека температурата на воздухот е повисока за 1 до 2 степена, соопшти УХМР.

И покрај топлото време поради влијание на циклонска активност од исток, претежно во попладневните и вечерните часови наместа ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а локално ќе има услови за краткотрајно невреме со појава на град и силен ветер.