Британија праќа воени експерти во БиХ за спротивставување на руско влијание

Премиерот на Велика Британија Борис Џонсон

Велика Британија испраќа воени експерти во Босна и Херцеговина (БиХ) за спротивставување на руското влијание, за зајакнување на Мисијата на НАТО и за да се промовира стабилноста и безбедноста во земјата, соопшти британската влада.

„Не можеме да дозволиме Западен Балкан да стане уште едно игралиште за катастрофалните аспирации на (рускиот претседател Владимир) Путин“, рече премиерот Борис Џонсон во изјавата.

Џонсон вели дека Русија се обидува да ги смени успесите сторени во последните три децении во Босна и Херцеговина, па затоа се засилува поддршката на земјата.

„Одговараме на повикот на нашите пријатели да помогнеме во заштитата на мирот што со право го заслужуваат“, соопштија од Лондон.

Британија испраќа двајца експерти за борба против дезинформациите и реформи во одбраната. Тие треба да соработуваат со вооружените сили на БиХ и НАТО за одржување на мирот и безбедноста во земјата, соопшти британската влада. Британија, исто така, ќе обезбеди средства за зајакнување на сајбер безбедноста во БиХ, со што земјата ќе стане поотпорна на напади.

„Босна и Херцеговина моментално се соочува со најголема егзистенцијална закана во нејзиниот повоен период, а сецесионистичките лидери активно работат на создавање дополнителни поделби и конфликти. Овие планови се поддржани од Москва како дел од напорите на Путин да ја поткопа евроатлантската интеграција на Босна и нејзината стабилност“, предупредија од Британската влада.

На барање на седиштето на НАТО во Сараево, се наведува во соопштението, за поддршка и обука на вооружените сили на БиХ ќе бидат распоредени воен експерт за борба против дезинформации на Обединетото Кралство и советник за цивилна стратешка одбрана.

Покрај тоа, Британија најави дека ќе обезбеди 750.000 фунти за формирање центар за сајбер безбедност во рамките на Универзитетот во Сараево. Според британската влада, ова „ќе ја зајакне одбраната на Босна и Херцеговина од сајбер напади - кои можат да повредат луѓе внатре и надвор од земјата“.

Во соопштението се наведува и дека британското Министерство за одбрана во моментов работи со колегите во БиХ за да ја задржи земјата цврсто на евроатлантскиот пат, развивајќи ги способностите и издржливоста на вооружените сили на БиХ потреби за да се справат со безбедносните предизвици.

На почетокот на јуни, министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Селмо Цикотиќ, побара дополнителна помош од НАТО за „обезбедување безбедност и стабилност во БиХ“.

Во средината на јуни, Парламентарното собрание на НАТО објави дека БиХ се справува со најтешката политичка криза откако излезе од пепелта на жестоката граѓанска војна пред речиси триесет години.