ССКЦ: Незаконски не им се продолжува договорот на лекарите со наполнети 64 години

Клинички центар „Мајка Тереза“ - Скопје

Од синдикатот на Клинички центар (ССКЦ) реагираат што министерот за здравство и некои директори на болници не им го продолжуваат договорот за работен однос на некои здравствени работници кои наполниле 64 години возраст и имаат 15 години пензиски стаж, се до нивна 67 годишна возраст, а кои претходно дале согласност работниот однос да им се продолжи.

„Според ставот 1 на членот 204а од Законот за здравствената заштита кој ја уредува оваа проблематика за здравствените работници и соработници е утврдено дека „заради непречено вршење на здравствената дејност во мрежата на здравствените установи, директорот на здравствената установа по претходна согласност на здравствениот работник односно здравствениот соработник, еднаш годишно донесува одлука за продолжување на договорот за вработување на здравствениот работник, односно здравствениот соработник кој ги исполнил условите за стекнување на старосна пензија најмногу до 67 години возраст, а ставот 2 од членот 204-а од Законот за здравствената заштита (ЗЗЗ) утврдува дека „одлуката на директорот за продолжување на работниот однос на здравствениот работник и здравствениот соработник, ја потврдува министерот за здравство“, реагираат од Синдикатот.

Пациентите со дијабетес разочарани од односот на министерот за здравство

Од таму потенцираат дека се работи за високостручен и дефицитарен кадар кој е исклучително значаен дел во функционирањето на здравствениот систем и дека со овие вработени се обезбедува континуитет во стручната дообразба на младите здравствени работници и соработници и се обезбедува повисоко ниво на здравствена услуга.

Истовремено, како наставен кадар придонесуваат во научната едукација на здравствените работници и соработници.

Од Синдикатот на Клинички центар додаваат дека ќе застанат во заштита на правата на своите членови доколку истите им бидат нарушени поради несоодветна примена на законските одредби поврзани со продолжување на нивниот работен однос согласно Законот.

„Министерот за здравство и директорите на здравствените установи треба да ја претпостават можната финансиска импликација врз Фондот за здравствено осигурување во случај на поведување поединечни и колективни тужби од страна на засегнатите здравствени работници и соработници, како и за последиците во пружањето на квалитетна и континуирана здравствена услуга на граѓаните“, се вели во реакцијата на ССКЦ.