Кацарска - Рамно на чудо е да очекуваме некаков договор помеѓу Скопје и Софија за францускиот предлог

Директорката на Институтот за европски политики – ЕПИ, Симонида Кацарска

Директорката на Институтот за европски политики – ЕПИ, Симонида Кацарска денеска изјави дека е рамно на чудо на ден до крајот на француското претседателство, да се очекува некаков евентуален договор за разликите помеѓу Северна Македонија и Бугарија во однос на предлогот на Франција за тргање на ветото и деблокада на евроинтеграциите на земјава. Но, како што рече, тоа е одговорност на политичкото раководство.

„Мене ми е многу тешко да видам дека за еден ден ќе може да направиме клучен пробив во однос на она што го нарековте „пеглање“ на разликите поради документите коишто беа усвоени во бугарското Собрание и нашите црвени линии. Очекувам дека чешкото претседателство ќе го преземе ова доколку не видиме некое чудо до утре, меѓутоа веројатно со смален интензитет од она што работеше француското претседателство. Кај Чешка мислам дека примарниот фокус е Украина, како што знаеме, веројатно и Самитот којшто требаше да биде за Западниот Балкан од она што се последни најави е дека истиот ќе биде за Украина“, изјави Кацарска на настан во организација на ЕПИ.

Франција утре го завршува шестмесечното претседавање со Советот на ЕУ. Од 1 јули со ЕУ ќе претседава Чешката Република. Порано овој месец, Владата во Прага ги соопшти приоритетите на своето претседавање во кои не е наведено проширувањето на Европската унија кон Западен Балкан.

Француските дипломати во седиштето на ЕУ не се запознаени со нова иницијатива за надминување на спорот меѓу Софија и Скопје, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Според информациите на МИА, процесот е целосно во рацете на Софија и Скопје, а делумно и во Париз, пред сѐ кај францускиот претседател Емануел Макрон, чиј предлог беше отфрлен минатата недела од страна на Северна Македонија.

Македонската влада ги истакна своите црвени линии: јазикот, Уставот, протоколот, историјата, и рече дека е подготвена да разгледа нов предлог, доколку таков биде ставен на маса.

Вчера премиерот Димитар Ковачевски рече дека немало ништо ново во процесто со Бугарија, и дека тој е во рацете на МНР, а доколку има прифатлив предлог тој ќе биде ставен пред институциите на државата.