Министерката за одбрана ќе присуствува на Самитот на НАТО

Министерката за одбрана Славјанка Петровска

Министерката за одбрана Славјанка Петровска утре и задутре ќе биде дел од високата државна делегација, предводена од претседателот на државата и врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски на претстојниот Самит на НАТО, што ќе се одржи во Мадрид, Кралството Шпанија.

Од Министерството за одбрана најавија дека министерката ќе учествува на дискусијата на тема „Придонесот на НАТО за безбедноста и стабилноста во неговото соседството“.

Во текот на утрешниот ден министерката Петровска ќе учествува на работна вечера на министрите за одбрана на НАТО земјите членки на која ќе се разговара за влијанието на хибридните закани во земјите од Западен Балкан.

На претстојниот Самит на НАТО главна тема ќе биде усвојувањето на новиот Стратешки концепт на НАТО, кој ќе биде патоказ во наредните десетина години, базирајќи се на новата безбедносна реалност, а со цел прилагодување на промените во светот за зачувување на безбедноста на своите над една милијарда граѓани.

На самитот ќе се дискутира и за зајакнување на капацитетите за одвраќањето и одбраната, за апликациите на Шведска и Финска, за идната поддршка на Украина, за безбедносни прашања на денешницата и за останати важни прашања со кои се соочува Алијансата.