Адеми жали за собранискиот инцидент, тензиите продолжуваат и на денешната седница

Пратеникот од ДУИ Арбер Адеми, архивска фотографија

Пратеникот од ДУИ Арбер Адеми денеска изјави дека жали за тоа што се случило на синоќешната седница на Комисијата за европски прашања во Собранието. Тој вели дека жали за сите сцени што јавноста имаше можност да ги види и за кои вели дека се испровоцирани од опозицијата.

На видео снимка од вчерашната седница можеше да се види како при жестока кавга меѓу координаторот на ДУИ и претседател на комисијата за европски прашања Арбер Адеми и опозициските пратеници Антонијо Милошоски и Халин Снопче летаа филџани и пластични шишиња.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Кавга на раб на тепачка во Собранието

Денеска Адеми во изјава за ТВ Клан вели дека ваквите сцени се грди и не се во интерес ниту на пратениците, ниту на граѓаните.

„Без оглед дали станува збор за пратеници од опозицијата или од власта, повторување на такви сцени не треба да се случат, треба заедно да ги надминеме проблемите и овие провокации, како и недоразбирањата за да обезбедиме непречено одвивање на работата на Собранието", изјави Адеми.

Тој вели дека за време на вчерашниот инцидент бил повреден, кога пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски му го влечел микрофонот и му предизвикал повреда на раката.

Денеска продолжи седницата на Комисијата, на која повторно пратениците се обраќаа на висок тон, се довикуваа и тропаа по масите. И овојпат пратениците се расправаа за тоа дали е утврден дневниот ред. Повод за жестоката кавга вчера, на раб на физичко насилство, беше гласањето на дневниот ред, на кој се најде и Законот за работата на судовите, со кој се предлага работниот век на судиите да се продолжи до 67 години.