Индиректни разговори меѓу Иран и САД за нуклеарниот договор

За денеска се закажани индиректни разговори меѓу Иран и САД во Доха, Катар, соопшти иранското Министерство за надворешни работи по притисокот на Европската унија за надминување на ќорсокакот во преговорите за заживување на нуклеарниот договор од 2015.

Иран соопшти дека во разговорите ќе посредува главниот преговарач на ЕУ Енрике Мора и дека не се планирани директни разговори меѓу Иран и САД.

Иранските власти соопштија дека фокусот на разговорите ќе биде повлекувањето на американските санкции.

Ова е посебни разговори од пошироките преговори со посредство на ЕУ кои треба да се одржат во Виена меѓу Иран и светските сили.

Стејт департментот ја потврди средбата и повтори дека Иран треба да се откаже од дополнителни барања надвор од опсегот на договорот.

Шефот за надворешни работи на ЕУ Жозеп Борел минатата недела беше во Техеран во обид да ги заживее преговорите за иранската нуклеарна програма. Земјите од ЕУ се принудени да бараат други добавувачи на нафта, освен Русија, зашто се обидуваат да ја намалат зависноста од руска енергија во ек на војната во Украина.

Според договорот од 2015, Иран се обврза да ја ограничи нуклеарната програма во замена за олабавување на меѓународните санкции, но договорот пропадна во 2018, кога тогашниот американски претседател Доналд Трамп ги повлече САД од договорот и воведе жестоки санкции против Иран. Техеран, пак, не почитуваше некои од обврските од договорот.

Повеќе од една година Иран преговара со Велика Британија, Франција Германија, Русија и Кина директно, и со САД индиректно, за заживување на договорот.