Колапс на трибина за време на борба со бикови во Колумбија, има жртви

Фотографија преземена од видео снимка од настанот, кога паднала дел од трибина. Ел Еспинал, Толима.

Најмалку четири лица загинаа, а повеќе од 300 се повредени откако во неделата се урна трибина за време на борба со бикови во централна Колумбија.

На снимки од настанот се гледа како паѓа трикатна дрвена трибина полна со гледачи на стадионот во Ел Еспинал, департманот Толима.

Бикот продолжил да талка низ рингот, додека луѓето бегале од урнатините од трибината.

Традиционалната манифестација вклучува и влегување на јавноста во рингот со цел да се бори против биковите.

Гувернерот на Толима, Хозе Рикардо Орозко, соопшти дека загинале две жени, маж и дете. Здравствените власти соопштија дека во болница се лекуваат 322 лица, од кои четворица се на интензивна нега.

Настанот во неделата беше дел од прославата на популарниот фестивал Сан Педро.

Претседателот во заминување Иван Дуке рече дека ќе се спроведе истрага, додека новоизбраниот претседател Густаво Петро ги повика локалните власти да забранат такви настани.

Несреќи и повреди на вакви настани не се реткост во Колумбија. Во саботата неколку луѓе беа повредени за време на борба со бикови во Ел Еспинал. На почетокот на овој месец, едно лице почина откако беше избодено од бик за време на борба со бикови во градот Репелон.

Новиот лидер Петро ги забрани борбите со бикови во главната арена на колумбиската престолнина Богота за време на неговиот мандат како градоначалник.