Ќучук: Францускиот предлог е најдобар досега за Бугарија

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, европратеникот Илхан Ќучук.

Известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук изјави дека Бугарија станува проблематична земја која ги попречува развојните процеси на ЕУ.

„Нашето место не треба да е меѓу попречувачите, туку во развојниот простор- да поставиме агенда, да наметнеме различни гледишта кои ќе ја направат ЕУ многу поефикасна и тоа да биде во бугарски национален интерес. Една од темите што требаше да ги води Бугарија беше поврзана со проширувањето на ЕУ и како Албанија и Северна Македонија треба да бидат дел од неа“, вели во интервју за БНР, Ќучук, кој е и европратеник од „Обнови ја Европа“ и член на Комисијата за надворешни работи во ЕП.

Според него, предлогот на француското претседателство со Советот на ЕУ е најдобар досега за Бугарија.

„Дали ќе биде усвоен од Софија и Скопје е друго прашање… Дефинитивна грешка беше да се префрли прашањето како врел компир во Народното собрание. Позицијата на Бугарија треба да биде изготвена од Министерскиот совет. Според Уставот, надворешна политика ја води Министерскиот совет, а не Парламентот“, вели Ќучук.

Тој смета дека ќе биде големо непочитување кон ЕУ ако Бугарија не излезе со јасен став како гледа на ова прашање.

„Во предлогот има доста добри гаранции за решавање на тешките проблеми од минатото и за отворените стари емотивни прашања, како и за правата на Бугарите- тие своите гаранции ќе ги остварат на европски начин“, изјави Ќучук.

Бугарската собраниска комисија за надворешни работи синоќа го усвои предлогот на лидерот на владината коалициска партија „Демократска Бугарија“ Христо Иванов со кој се бара бугарската влада во оставка да го одобри таканаречениот „француски предлог“ за решавање на спорот со Северна Македонија, но само доколку се измени за да се исполнат одредени услови. Бугарија го блокира пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ од ноември 2020 година поради културни и историски спорови.