Украина и Молдавија добија кандидатски статус за ЕУ

Германскиот канцелар Олаф Шолц, лево, разговара со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и францускиот претседател Емануел Макрон за време на состанокот на тркалезна маса на самитот на ЕУ во Брисел

Лидерите на ЕУ одлучија Украина и Молдавија да станат официјални кандидати за членство во Европската унија, објави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

„Историски момент. Денешниот ден е клучен чекор на вашиот пат кон ЕУ“, напиша Мишел на Твитер.

Украинскиот претседател Володомир Зеленски го поздрави статусот на Украина за членство во ЕУ како „историски“.

Украина поднесе барање за членство во ЕУ помалку од една недела по инвазијата на Москва на 24 февруари. Одлуката на водачите на 27-члениот блок да и дадат кандидатски статус на Украина беше некарактеристично брза за ЕУ. Но, војната и барањето на Украина за брзо разгледување и дадоа итност на нејзината кауза.

Молдавија пак е држава која граничи со Украина.

Стекнувањето членство може да потрае со години, па дури и децении. Земјите мора да исполнат детални економски и политички услови, вклучително и посветеност на владеењето на правото и другите демократски принципи.

Мишел исто така соопшти дека Европскиот совет одлучи да ја признае европската перспектива на Грузија и е подготвен да даде кандидатски статус откако ќе се решат „истакнатите приоритети“.

Притоа му честиташе на грузискиот народ, нарекувајќи го ова историски момент во односите меѓу ЕУ и Грузија.

Главни теми на денешниот состанок на европските лидери во Брисел беа проширувањето на Унијата, случувањата на Украина и економската ситуација.