Потрошувачката паѓа поради вртоглавите цени на храната во Иран

Илустративна фотографија

Иранците консумираат помалку овошје и зеленчук поради вртоглавите цени кои ја потресуваат безбедноста на храната во земјата.

Исмаил Морадијан, потпретседател на Здружението на продавачи на овошје и зеленчук, за новинската агенција ИЛНА изјави дека потрошувачката е намалена меѓу 25 и 30 отсто поради растот на цените и спроведувањето на економските политики на владата на претседателот Ебрахим Раиси.

„Многу луѓе се збунети и не знаат на кои основни производи да ги потрошат своите пари“, рече Морадијан.

Коментарите на Морадијан доаѓаат по информациите за намалена продажбата на говедско месо, а преполовена на производите од прехранбената индустрија.

Екстремната инфлација во Иран предизвика улични протести и ги потресе јавните институции како што се болниците, затворите и центрите за згрижување деца, кои се соочуваат со можен недостиг на храна. Статистичкиот центар на Иран соопшти дека стапката на инфлација во јуни достигна 52,5 отсто.

Минатата недела, техеранскиот весник „Етемад“ објави дека претстојниот проблем со безбедноста на храната може да се појави во „наредните недели“ и дека „снабдувањето со храна ќе биде нарушено не само во болниците, туку и во други владини објекти како касарните, затворите, старечки домови, па дури и студентски домови“.