Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел ги повика лидерите на ЕУ да донесат историска одлука за доделување кандидатски статус на Украина и нејзиниот сосед Молдавија.
„Ова е одлучувачки момент за Европската унија, ова е исто така геополитички избор што ќе го направиме денес. И убеден сум дека денеска ќе им дадеме кандидатски статус на Украина и на Молдавија“, изјави тој пред новинарите во Брисел.
Одобрување на кандидатски статус за Украина и Молдавија е на врвот на агендата на самитот на ЕУ, кој денеска се одржува во Брисел. Сите 27 земји членки на блокот мора да го одобрат таквиот потег. Се очекува Грузија да биде информирана дека ќе добие статус на земја кандидат откако Тбилиси ќе исполни голем број услови.
„Европскиот совет ја признава европската перспектива на Украина, Молдавија и Грузија. Иднината на овие земји и нивните граѓани е во рамките на Европската унија“, се наведува во најновиот нацрт на завршната декларација на самитот во кој имаше увид РСЕ.
Овој потег без преседан на ЕУ доаѓа во услови кога Киев е во војна против Русија, која започна неиспровоцирана инвазија на својот сосед на 24 февруари.