Истрагата на Репортери без граници го потврди погубувањето на познатиот украински фотограф

Макс Левин, 21 август 2019 година

Истрагата спроведена од Репортери без граници (РСФ) заклучи дека познатиот украински фотограф и документарист, Макс Левин и војникот што го придружувал заради безбедност биле егзекутирани од руски војници во близина на Киев во март.

РСФ со седиште во Париз соопшти дека истрагите покажуваат дека Левин и Олексиј Чернишов биле егзекутирани од руски војници во шума околу селото Мошчун во близина на Киев на 13 март, „веројатно откако биле испрашувани, па дури и мачени“.

Истрагата, спроведена од Арнауд Фроже, шеф на истражниот пулт на РСФ, и Патрик Шовел, француски воен фоторепортер кој работел со Левин во Украина, заклучи дека Левин и Чернишов биле заробени од руски војници додека се обидувале да го лоцираат дронот кој Левин го користел за неговото известување за неиспровоцираната инвазија на Русија на Украина.

РСФ соопшти дека доказите, вклучувајќи куршуми, документи за идентификација, предмети со ДНК траги кои потврдуваат присуство на Левин и други предмети, овозможиле да се заклучи дека Левин и неговиот придружник биле погубени.