Албанија ќе испрати војска во Бугарија во источното крило на НАТО

Илустрација: Албански и американски војници

И Албанија ќе испрати свои трупи во Бугарија, во источното крило на НАТО, што се засилува поради руската агресија, изјави министерот за одбрана Нико Пелеши по денешната седница на владата.

„Ние, денеска сме активни не само Албанија туку и во меѓународни мисии и операции. Набрзо ќе бидеме и во Бугарија, во источното крило што се засилува поради руската агресија. Следната недела ќе се одржи самит на лидерите на НАТО каде ќе се донесе важна одлука пред сè во новиот стратешки концепт на НАТО“, рече Пелеши.

Според него, владата донела одлука за зголемување на платата на припадниците на албанската армија за 30 отсто.

Со зголемување на платата тој очекува да се зголеми интересот кај младите да станат дел од вооружените сили.

Најниската плата во армијата моментно е 51.000 лека (410 евра).