Владата го усвои Законот за заштита на потрошувачите на предлог на Министерството за економија, објави денеска министерот за економија, Крешник Бектеши.
Министерот укажа дека како новина се воведува посебно внимание на нечесни трговски практики, измамнички и агресивни трговски практики при продажба, вклучувајќи ги и дигиталните понуди.
„Одредена трговска практика е нечесна ако го доведува во заблуда потрошувачот, особено ако не се наведуваат јасно условите. Трговска практика се смета за нечесна ако го доведува во заблуда потрошувачот, па дури и ако информаците се точни, но го доведуваат во заблуда потрошувачот да донесе одлука која не би ја донел во вообичаени услови. Нечесно е и ако со принуда или примена на сила го доведе во заблуда потрошувачот или го наведе на пазарна одлука која не би ја донел во други услови“ појаснува Бектеши.
Министерот укажа дека во зависност од големината на компанијата, предвидени се казни од 500 до 10 илјади евра казна за непочитување на законот.
„Во делот на санкциите, предвидена е и привремена забрана за работа од три месеци до две години, за среден и голем трговец, и 20 дена за микро и мал трговец. Одговорните лица, ќе добијат забрана за вршење дејност од 3 месеци до 1 година“, посочи Бектеши.
Нагласи дека потрошувачите чии права се повредени со користење на нечесни трговски практики, измамнички и агресивни трговски практики од страна на трговецот имаат право на надоместок на штета која ја претрпеле, имаат право и на сразмерно намалување на цената и раскинување на договорот, додека за трговците следат глоби, санкции и забрана за вршење на дејноста.
„Во зависност од големината на компанијата прекршоците и глобите се движат од 500 до 10.000 евра. Во делот на физичките лица или трговците поединци се помали глобите, но другите одредби важат за сите. Во делот на прекршочните санкции предвидена е и привремена забрана за вршење на дејност и тоа во траење од 3 месеци до 2 години од страна на надлежен суд за среден трговец и голем трговец и од 15 до 30 дена за микро и мал трговец од странана Комисијата за одлучување по прекршоци. На одговорните лица, пак, и кај правните лица е предвидена забрана за вршење на професија, дејност или должност во траење од 3 месеци до 1 година од страна на надлежен суд, а кај трговец поединец во траење од 15 до 30 дена од страна на Комисијата за одлучување по прекршок“, истакна Бектеши.
Овој закон според министерот ќе помогне во заштита на потрошувачите и за заштита на ранливите категории на граѓани во деловните трансакциим а истовремено се уредуваат правата и обврските на здружението за зашита на потрошувачите.