Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за утре најави генерален штрајк во јавниот сектор. Таквата одлука, како што е информираат, е донесена поради тоа што не се исполнети нивните барања за линеарно зголемување на платите на вработените за 2.806 денари и враќање на правото за регрес за годишен одмор од 2023 година.
„Работниците беа сведоци на срамно однесување на пратениците од владејачкото мнозинство членови на Комисијата за финансирање и буџет кои најостро се спротиставија на предлог-амандманот на ССМ кој предвидуваше средства во буџетот за зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 2806 денари“, велат од ССМ.
На седница на комисијата вчера не помина амандманот на ССМ на ребалансот на Буџетот со кој требаше да се обезбедат средства за линеарно покачување на платите.
„Гласот против работниците е уште еден глас против политичката партија која ја претставуваш и уште еден глас за генерален штрајк кој поради овие седум пратеници од владеачкото мнозинство започнува утре, потенцираат од ССМ. Денеска работниците ве молеа, утре ќе ги молите“, се вели во соопштението од ССМ по неприфаќањето на нивниот амандман.
Од ССМ појаснуваат дека согласно правилата за време на генералниот штрајк ќе обезбедат расположив капацитет од 10 проценти од вработените во овој сектор.