Белоруска активистка осудена на 18 месеци затвор за навреда на Лукашенка

Судот во Белорусија ја осуди опозициската активистка Људмила Раманович на 18 месеци затвор за писмото што го испратила до Истражниот комитет на почетокот на март, во кое протестираше поради вмешаноста на Белорусија во тековната неиспровоцирана инвазија на Русија на Украина.

Окружниот суд во Малорита во западна Белорусија ја прогласи за виновна за „навреда“ на авторитарниот владетел на земјата Александр Лукашенка нарекувајќи го „узурпатор“ во нејзиното писмо, соопшти Центарот за човекови права „Вјасна“ од Минск на Телеграм.

Лукашенка и неговата влада се изолирани откако тој тврдеше дека го добил шестиот претседателски мандат на спорните претседателски избори во август 2020 година, по што следуваа протести проследени со брутално задушување, што пак предизвика западни санкции.

Лукашенка оттогаш се соочи со домашни и меѓународни реакции поради тоа што им дозволи на руските трупи да организираат дел од инвазијата на Украина на белоруска територија.