Заврши општиот претрес по ребалансот на Буџетот, попладне почнува амандманската расправа

илустрација

Членовите на собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ја завршија општата расправа по Предлог-ребалансот на Буџетот, на која пратениците од опозицијата и од власта останаа на спротивставени ставови по однос на доставените буџетски измени.

За опозицијата, ребалансот е доказ дека „економијата е разрушена“ и дека „постојано се зголемува сиромаштијата“. Според опозициските пратеници, се работи за неразвоен буџет кој нема да може да се справи со актуелните економски и социјални притисоци.

Пратениците од власта, пак, порачаа дека со ребалансот се остварува заштеда на сериозни средства што ќе се искористат за директна помош за граѓаните и за стопанството, во услови на економска криза која го потресува целиот свет. Проектираниот ребаланс, нагласија тие, ќе обезбеди заштита на стандардот на граѓаните и ликвидност на компаниите кои се оптоварени со кризите на светските пазари.

Пратеничката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ во расправата истакна дека со ребалансот нема ништо да се промени, оти со него власта само купува време, а не се справува со проблемите, нагласувајќи дека во прилог на таквите ставови оди и постојаниот раст на јавниот долг и падот на БДП и на економскиот развој.

Со ребалансот на Буџетот, вкупните приходи се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и се за околу 6,9 милијарди денари или 2,9 проценти повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Износот на вкупните расходи е 288,5 милијарди денари или за околу 161,1 милијарда денари (5,9 проценти) повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година.

Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,2 милијарди денари и се за околу шест милијарди денари пониски во однос на планот за 2022 година, но од власта најавуваат дека ќе продолжат проектите за изградба на патишта, железници и гасоводи. Се планира економскиот раст да биде 3,2 проценти, инфлацијата да достигне до 7,2 проценти, а дефицитот да биде 42,7 милијарди денари.