Лидерот на Демократска Бугарија: Францускиот предлог е исклучително добар за Бугарија

Прпретседателот на Демократска Бугарија, Христо Иванов

Kоалицискиoт партнер на бугарскиот премиер Кирил Петков, претседателот на Демократска Бугарија, Христо Иванов изјави дека францускиот предлог со кој треба да се реши спорот меѓу Софија и Скопје и преговарачката рамка е „исклучително добар“ за неговата земја.

Тој истакна дека и покрај владината криза, предлогот е важен не само за Македонија туку и за Бугарија, поради што вели дека ќе биде лошо ако оваа можност се пропушти.

„Ако Бугарија сега не го разгледа овој предлог, а е поволен за нас и не знаеме кога ќе има втор таков, ете тоа ќе биде национално предавство. Според предлогот, Скопје мора да се обврзе пред ЕУ да го промени својот Устав и да ги регистрира Бугарите како еден од државотворните народи. Ако Македонија не го направи тоа, нема да има преговори за ЕУ, нема да го укинеме ветото“, истакна Иванов кој додаде дека неговата партија ќе го поддржи францускиот предлог ако влезе на расправа во Собранието.

Според него, лидерот на „Има таков народ“ Слави Трифонов, кој неодамна излезе од владината коалиција и го разниша владиното мнозинство, се обидува да ја искористи темата со Македонија како алиби за некои од неговите внатрешно-политички дејствија.


„Тоа е начин кој во најмала рака е неодговорен. Конечно го добивме резултатот од францускиот посреднички напор. Многу внимателно го прочитав предлогот. Разговарав и со многу авторитетни дипломати од различни политички сили. Општото мислење е дека ова е многу добар предлог за Бугарија. Сакам сите да ме слушнат – ова е исклучително добар предлог за Бугарија, кој сме подготвени да го фрлиме во ѓубре бидејќи во моментов сме во домашен скандал“, истакна Иванов.

Францускиот предлог пред два дена беше доставен до сите 27 земји членки на ЕУ, меѓу кои е и Бугарија, како обид за решавање на спорот Софија-Скопје и деблокирање на веќе две години блокираните евроинтегративни процеси за Македонија.

Македонските власти засега не излегоа со став за овој предлог. Како што вчера изјави шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, ќе се чека тој прво да биде усогласен меѓу членките на ЕУ, по што и формално ќе биде испратен до македонските власти. Став за него, Османи рече дека ќе има „кога ќе дојде време за тоа“.