Радев - Собранието не е пазар

Бугарскиот претседател Румен Радев

Партиите мора да бидат свесни дека со овие калливи борби го дискредитираат целиот политички систем во Бугарија, коментираше претседателот на државата Румен Радев по повод политичката криза во земјата.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Радев, парламентот не е пазар – едни пазаруваат пратеници, други се поканети да преговараат за враќање на стариот модел на корупција.

Двете страни ја убиваат довербата и надежта на Бугарите, изјави претседателот Румен Радев.

Луѓето очекуваат брзи одлуки, животот станува поскап, додаде тој.

Според него, Владата сноси целосна одговорност додека Народното собрание на Бугарија не одлучи поинаку.

Партијата „Има таков народ“ излезе од владата, а лидерот Слави Трифонов рече дека тој потег е поради Македонија и поради тоа што нема пари. Без ИТН, владејачката коалиција нема мнозинство во Парламентот, а вчера беше сменет и претседателот на Собранието Никола Минчев.

Неколку пратеници од ИТН го напуштија Трифонов, но сè уште нема доволно за владино мнозинство.

Расправата за гласањето недоверба на владата на Кирил Петков ќе се одржи во вторник, а гласањето ќе се одржи во среда.