Европската комисија денеска треба да го соопшти мислењето за статусот на Украина како кандидат за ЕУ. Лидерите на Франција, Германија, Италија и Романија, како што вчера во Киев изјави францускиот претседател Емануел Макрон на заедничката прес-конференција, се за тоа на Украина да ѝ се додели статус кандидат за членство во ЕУ „веднаш“. „Сите четворица поддржуваме давање статус на непосреден кандидат“, рече Макрон. Тој додаде дека овој статус е проследен со патоказ што значи и да се земе предвид состојбата на Балканот и соседството, особено во Молдавија.
Европските лидери во Киев со поддршка за кандидатскиот статус за ЕУ на Украина
Макрон зборуваше по заедничките разговори што тој, германскиот канцелар Олаф Шолц, италијанскиот премиер Марио Драги и романскиот претседател Клаус Јоханис ги имаа со украинскиот претседател Володимир Зеленски. За одобрување ќе биде потребен договор од земјите-членки, но се смета дека може да биде проблем со Данска, која издаде дипломатска нота предупредувајќи дека Украина не ги исполнува доволно критериумите поврзани со стабилноста на институциите кои гарантираат демократија, владеење на правото и почитување и заштита на малцинствата. Холандија исто така изрази приговори.
Идниот претседавач на ЕУ Чешка сака Маршалов план за Украина
„Треба да се најде рамнотежа помеѓу природните аспирации на Украина за приклучување кон ЕУ во многу посебно време, и вниманието на сите земји кои веќе имаат кандидатски статус и се заглавени во поглавјата од преговорите и фактот дека не смееме да ја дестабилизираме ЕУ или да ја скрши“, наведуваат од француското претседателство на Европската унија. Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја повика Европската унија да и понуди на неговата нација членство во Унијата преку скратена постапка, велејќи дека тоа ќе биде „моќен одговор“ на неиспровоцираната инвазија на Русија. Лидерите на Унијата треба да разговараат за ова прашање во Брисел на 23 и 24 јуни. ЕУ не го прошири своето членство речиси една деценија поради слабата поддршка од клучните земји во услови на бавен економски раст.