Поранешниот киргистански претседател Атамбаев ослободен од две обвиненијата

Атамбаев во судница.

Судот во Бишкек го ослободи поранешниот киргистански претседател Алмазбек Атамбаев од обвиненијата за два случаи на корупција кои датираат од пред неколку години, а не се поврзани со делото за кое тој моментално отслужува 11-годишна затворска казна.

Судот го прогласи Атамбаев за невин за незаконско давање киргистанско државјанство на турски државјани во 2016 година и за незаконско доделување земјиште за училиште во Бишкек во 2014 година.

Атамбаев во моментот отслужува 11-годишната затворска казна, што му беше изречена во 2020 година за неговата улога во незаконското ослободување на озлогласениот криминален бос Азиз Батукаев.

Поранешниот претседател беше присутен на рочиштата за судењата за корупција. Тој има 65 години, а минатиот месец се пожали на здравствени проблеми, па од затвор беше префрлен во болница.

Атамбаев моментално е вклучен во два други судски процеси во кои се соочува со посериозни обвиненија.

Едно судење е за обвинение за обид за преземање на власта за време на антивладините протести во октомври 2020 година, кои беа поттикнати од контроверзните парламентарни избори кои многумина ги сметаат за наместени.

Атамбаев беше ослободен за време на протестите и им се придружи заедно со уште неколку политичари. Подоцна повторно беше уапсен и вратен во затвор.

Другото судење е поврзано со дводневното насилство во неговиот комплекс во близина на Бишкек, откако тој одби да одговори на поканите и да се појави во Министерството за внатрешни работи на распит за ослободувањето на Батукаев.

Судирот во 2019 година меѓу безбедносните сили и неговите поддржувачи резултираше со смрт на висок службеник за безбедност и повеќе од 170 повредени

На почетокот на овој месец, Атамбаев беше дополнително обвинет за злоупотреба на службената положба во врска со смртоносните етнички судири во 2010 година, во кои загинаа речиси 450 луѓе. Во тоа време Атамбаев ја предводеше привремената влада по насилните антивладини протести со кои беше соборен тогашниот претседател Курманбек Бакиев.