Алтернатива бара пратеникот Скендер Реџепи да го врати мандатот

Пратеникот Скендер Реџепи

По одлулата на пратеникот Скендер Реџепи да дејствува како независен пратеник во Собранието, од неговата матична партија Алтернатива денеска посочуваат дека се надеваат оти Реџепи, како што велат во име на политичкиот морал и обврска до партиските структури кои го направија пратеник – ќе го врати мандатот добиен во име на партијата.

Преку соопштение на Фејсбук од „Алтернатива“ наведуваат дека ова е целосно негова лична одлука и нема никаква врска со каков било став што се поврзува со некој орган или структура на партијата.

„Алтернатива изразува жалење за ваквата одлука на пратеникот Реџепи и ја информира јавноста дека оваа одлука не влијае со ништо во пратеничката група на Алтернативата, ниту ќе влијае врз парламентарното мнозинство, но ниту во учеството на партијата во извршната власт. Иако индикативно е дека ова негово повлекување доаѓа токму во време кога македонската опозиција организира протест за напад на парламентарното мнозинство, ова прашање останува да го разјасни самиот тој“, потенцираат од Алтернатива.

Од партијата дополнително велат дека мандатите на пратениците од овој пратенички состав, следствено и на партијата Алтернатива се добиени под логото и името на партијата, а не како независни кандидати.

Реџепи ја напушта Алтернатива, ќе дејствува како независен пратеник

Реџепи во писмо до Претседателот на Собранието навел дека ќе дејствува како независен пратеник во Собранието, но без да ги посочи причините за напуштањето на Алтернатива, која стана дел од парламентарното мнозинство откако БЕСА излезе од владината коалиција.