Штрајкот на матичарите во мирување

Протест на вработени во Управата за водење на матични книги, архивска фотографија

Од утре граѓаните ќе може да добијат извод за брак, родени, починати..., откако вработените во Управата за водење матични книги и нејзините подрачни одделенија го ставија штрајкот во мирување. Тие од утре редовно ќе ги извршуваат работните обврски, откако денеска е потпишан Колективниот договор за што независниот синдикат на Управата штрајкуваше во изминатите седум недели.

Директорот на Управата, Блерим Абази за медиумите изјави дека со договорот, кој денеска бил потпишан по неколку средби на штрајкувачкиот одбор, дополнително се унапредени правата на вработените во Управата.

„Со колективниот договор се утврдуваат критериумите за годишен одмор, платените и неплатените отсуства, надоместоци на плата и други примања, исплата на регрес за годишен одмор, додаток на плата, исплата на јубилејна награда итн. Синдикатот и работодавачот во договорот го утврдија правото минималната плата да биде основна плата“, изјави Абази.

Тој додаде дека како директор ќе се заложи во Предлог-буџетот за 2023 да бидат предвидени повисоки плати за Управата, а за покачување на платите во оваа година пратил иницијатива до Владата да се најде решение во најбрз рок.

Освен колективен договор, тие бараа и линеарно зголемување на платите за 30 проценти, но за тоа не добија позитивен одговор од Министерството за финансии. На крајот на април, синдикатот на матичарите соопшти дека 70 отсто од вработените земаат плата пониска од минималната.