Владата го распушти Советот на општина Тетово, ќе има нови избори

илустрација

Владата на денешната седница донела решение за распуштање на Советот на Општина Тетово поради тоа што до 31 март не ја усвоил завршната сметка за 2021 година.

Денешната одлука на Владата уследи по прекршувањето на ставот 2 од членот 75 на Законот за локална самоуправа, со што се овозможува Владата во рок од еден месец од непостапување од страна на Советот на општина Тетово да донесе одлука за распуштање на совет на општина. Овој краен рок, во конкретниот случај, истекол на 9 јуни.

Седницата на која требаше да се гласа за завршната сметка на Општината беше прекината откако не беше усвоен дневниот ред за кој гласаа 15 советници, а 15 беа воздржани. Во мнозинството на тетовскиот Совет се Беса, ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците, како и двајца независни советници. Но тие тогаш не гласаа за дневниот ред.

Досегашниот претседател на Советот на Општината Бесар Дурмиши побара што поскоро да се донесе одлука и датум за нови избори за Советот на Општина Тетово.

Тој информира дека се уште немаат добиено официјално решение за распуштање на Советот од Владата. Според него, ова е најдобро решение за Општината, бидејќи Советот не функционира и не може да носи одлуки. Седницата на 27 април не се одржа затоа што немаше мнозинство за да одлучува.

„Ние сега ќе чекаме од Талат Џафери, претседателот на Собранието, да ги распише изборите за локалната власт, и да го каже датумот. Најдобро за Општината побрзо да се одржат локалните изборите зашто во многу работи Општината не функционира како што треба без Советот,“ изјави Дурмиши.

Одлуката на Владата е донесена врз база на информацијата поднесена од Министерството за локална самоуправа. За датумот на гласањето треба да одлучи претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Денеска независните советници од „Подобро за Тетово“ реагираа дека ако Владата донесе одлука за распуштање на Советот таа ќе била правно ништовна, бидејќи, според нив, роковите за реакција во однос на завршната сметка на општина Тетово се истечени.