Техеран денеска соопшти дека Атина наредила ослободување на иранската нафта запленета од танкер под руско знаме, откако грчкиот суд одлучи дека таа мора да биде вратена и покрај барањата од САД.
„Грчката влада ја издаде соодветната наредба и сега сме сведоци на укинување на запленувањето на бродот и враќање на товарот на неговиот сопственик“, се вели во соопштението на Организацијата за пристаништа и поморство на Иран.
Грчката влада сè уште не ја потврдила оваа информација.
Во четвртокот, грчки владин претставник изјави дека регионалниот суд во земјата одлучил дека иранската нафта запленета во април од танкерот под руско знаме, Пегас, мора да биде вратена.
Официјалниот претставник рече дека Атина „многу се надева“ дека потегот ќе доведе до ослободување на двата танкери со грчко знаме кои Иран ги заплени минатиот месец како одмазда.
Бродот „Пегас“ беше закотвен во близина на грчкиот остров Евија кога неговиот товар беше запленет во согласност со санкциите на Европската унија воведени против Русија по нејзината инвазија на Украина во февруари.
Според тогашните информации, танкерот превезувал 115.000 тони иранска нафта. Пегас подоцна беше преименуван во Лана, а грчките власти соопштија дека бродот и неговиот екипаж ќе бидат ослободени.
Но, нафтата се чуваше по налог на американското Министерство за правда, а во тек беше процес за пренос на товарот на брод изнајмен од САД.
Гардата на Исламската револуција на Иран на 27 мај заплени два танкери за нафта под грчко знаме во Заливот. Врховниот водач на Иран, ајатолахот Али Хамнеи минатата недела изјави дека запленувањето на двата танкери е одмазда против Грција, бидејќи таа „украла“ иранска нафта.