Расте бројот на загинати од масакрот во Буркина Фасо

илустрација

Бројот на загинати од масакрот кој го направија осомничените џихадисти во северниот дел на Буркина Фасо минатиот викенд се искачи на 79.

Владата денеска соопшти дека се пронајдени тела на убиени и дека службите и натаму продолжуваат со пребарување на ранети и починати.

„Пронајдени се уште 29 тела. Оваа бројка се надоврзува на 50-те тела што се веќе пронајдени, со што привремениот биланс на жртвите на убиствата се искачи на 79 мртви“, се вели во соопштението, во кое се додава дека операциите за пребарување продолжуваат.

Денеска во Буркина Фасо стартуваше одбележување на три дена жалост по убиството на цивили во еден од најлошите напади откако војската ја презеде власта во јануари годинава.

„Знамињата ќе бидат закачени на половина копје на јавните згради и во претставништвата на Буркина Фасо во странство“, се вели во декретот, со кој се забрануваат прослави и рекреативни собири.

Цел на нападот беше селото Сејтенга во регионот Сахел во текот на ноќта во саботата. Во понеделникот, владата соопшти дека армијата пронашла 50 тела и предупреди дека билансот може да се зголеми.

ЕУ предупреди дека нападот можеби оставил „повеќе од 100 цивилни жртви“ и го осуди инцидентот, повикувајќи „да се расветли околностите на ова убиство“.

„Методот што го користеше терористичката група што го изврши нападот, имено систематското егзекуција на секој што ќе го сретнат во селото, е ужасен“, рече шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.

Бунтот во Буркина Фасо е концентриран на северот и на истокот на земјата, предводен од напаѓачи за кои се сомнева дека имаат врски со Ал Каеда или групата Исламска држава.