Макрон во посета на Романија и Молдавија

Францускиот претседател Емануел Макрон

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ќе отпатува за Романија за да ги посети француските војници, а утре ќе престојува во Молдавија за да ја потврди поддршката на Франција за земјата која исто така е погодена од војна во Украина, соопшти Елисејската палата. На Макрон во Романија ќе му се придружи претседателот Клаус Јоханис во базата на НАТО каде што се стационирани француските војници. Макрон ќе испрати „многу јасна порака за посветеност на сојузниците во НАТО и европските партнери“, соопшти Елисејската палата. Од 26 февруари, околу 500 француски војници се стационирани во Романија.

Молдавската премиерка смета дека поблиските врски со ЕУ не се замена за членство

Макрон, кој во Молдавија ќе разговара со претседателката Маја Санду, ќе ја поддржи поранешната советска република, една од најсиромашните земји во Европа, која беше особено погодена од руската инвазија на Украина, со која ја дели границата, се додава во соопштението. Молдавија и Грузија аплицираа за членство во Европската унија на 3 март, а Украина на 28 февруари. Од Елисејската палата додаваат дека засега нема подготовки за посетата на Макрон на Украина, но тоа ќе се случи „кога ќе биде вистинското време за тоа и кога ќе биде најкорисно за Зеленски“.