„Трета среќа“ за избор на градоначалник на Маврово - Ростуше и Центар Жупа

На 20 август ќе се гласа за избор на градоначалник на општините Маврово и Ростуше и Центар Жупа, откако денеска претседателот на Собранието, Талат Џафери врз основа на Изборниот законик ги распиша изборите.

Изборите, согласно Решението за нивно распишување, ќе ги спроведат Државната изборна комисија, Општинските изборни комисии и Избирачките одбори.

Повторениот изборен процес за избор на градоначалник во овие рурална општина е поради тоа што на октомвриските локални избори кои се одржаа минатата година, не беше обезбеден цензус, бидејќи гласаа само 25 отсто од избирачите.

Потоа за во април повторно беа распишани избори, но во Маврово -Ростуше не се одржаа, откако од изборната трка се откажа единствениот кандидат, а во Центар Жупа не беа успешни, оти повторно немаше цензус.