ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од Ковачевски за смеењето за премиер на „Западна Бугарија“

Премиерот на Македонија Димитар Ковачевски

Опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ бара оставка и извинување од премиерот на Македонија Димитар Ковачевски, за како што наведуваат во партиското соопштение -„понижувањето кое ѝ го приреди на Македонија“.

„Димитар Ковачевски не го штити, туку го продава македонскиот идентитет и Македонија. Едно зборува пред камерите, а зад камерите гледаме како се смее и одобрува Македонија да се нарекува Западна Бугарија“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата реагираат на видео снимка објавена на социјалните мрежи од вчерашниот Самит на шефови на држави и влади на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, во организација на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во Солун.

Додека Мицотакис му го претставува Ковачевски на германскиот канцелар Олаф Шолц, како премиер на Северна Македонија, се вклучува премиерот на Албанија Еди Рама, со дополна за Ковачевски дека е премиер на идната Западна Бугарија. На тоа сите се сметат, вклучително и самиот премиер Ковачевски.