Шолц од Бугарија - Има шанса да се постигне напредок

Германскиот канцелар Олаф Шолц за време на посетата на Софија, заедно со бугарскиот премиер Кирил Петков.

Германија разбира дека не е лесно да се надминат историските разлики меѓу соседните држави, но нејзиното искуство покажува дека е добро за сите кога ќе се надмине недовербата и ќе се изградат пријателски односи со соседите, порача денеска германскиот канцелар Олаф Шолц за време на посетата на Софија. Тој вели дека силно поддржува постигнување договор за започнување преговори за присоединување на Северна Македонија и Албанија во ЕУ.

„Сметам дека има шанса да се постигне напредок. Ќе ја продолжиме дискусијата и размената меѓу нас до крајот на француското претседателство и се надевам дека ќе постигнеме напредок. Јас сум убеден дека заедно ние Европејците, носиме одговорност за ЕУ и за стабилноста на Балканот. Важно е да го искористиме процесот на проширување“, рече Шолц на заедничката прес-конференција со бугарскиот премиер Кирил Петков.

Петков вели дека бугарската Влада јасно ја изразила својата позиција за условите што треба да се исполнат за да продолжи евроинтеграцијата на Северна Македонија.

Пред да отпатува за Софија, Шолц ја посети Македонија. Тој изјави дека се залага земјата да започне преговори со ЕУ, оти како што рече ветувањето е дадено, сега е на ред ЕУ да покаже на дело.

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека земјата не може постојано да биде заложник на тоа дали ќе има или ќе нема датум за преговори.