Дождовите предизвикаа одрони и кратери на патиштата

Поплавен патот Градско - Прилеп

Интензивно се работи на воспоставувањето на сообраќајот по поројните дождови со наноси кои од рано изутрината, повеќе од осум часа го прекинаа сообраќајот на патот Градско – Прилеп кај Фаришката клисура.

На теренот се екипите и механизацијата на компанијата „Синохидро“ за да се расчисти уништениот дел. Поплаве е дел од патот каде се изведуваат градежните работи, односно каде „Синохидро“ пробиваа тунели.

Најавите од ЈП за државни патишта се дека попладнево ќе биде оспособен патот.

Обилните врнежи од дожд кои деновиве ја зафатија Македонија предизвикаа застој на патиштата поради одрони или големи дупки, велат од регионалните подружници на ЈП Македонија пат и Центарот за управување кризи.

На регионалниот пат Дебар – Маврово, делница Дебар- Жировница, кај селото Долно Косоврасти, повторно се отвори дупка на коловозот.

Поради обилните дождови, на овој, како и на патните правци Дебар-Струга, Мелнички Мост- Центар Жупа, како и патот кон селата на Мала Река, има појава на одрони.

По обилните врнежи од дожд изминатите денови на патот Штип-Неготино се појавуваат помали одрони. Никола Рунчев одговорен за патишта во регионална подружница на ЈП „Македонија пат“ –Штип вели дека одроните, кои се на територија на Општина Штип се чистат од коловозот од страна на екипата, а на останатиот дел се нивните колеги од Неготино.

Одрон има и на патниот правец Неготино – Радовиш на дваесеттиот километар, информираше Илија Бојаровски од Центар за управување со кризи.