Шолц во Бугарија во обид да ги одмрзне односите Скопје-Софија

Германскиот канцелар Олаф Шолц во Скопје

Германскиот канцелар Олаф Шолц пристигна во Бугарија, јави дописникот на МИА од Софија.

Тој се среќава со бугарскиот премиер Кирил Петков, а на средбата ќе присуствува и шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска, по што Шолц ќе биде примен од претседателот Румен Радев.

Според бугарските медиуми, Шолц доаѓа во Бугарија директно од Северна Македонија во обид да ги одмрзне односите и да ги поддржи напорите за надминување на проблемите во бугарско-македонските односи.

Пред да отпатува за Софија, Шолц ја посети Македонија. Тој изјави дека се залага земјата да започне преговори со ЕУ, оти како што рече ветувањето е дадено, сега е на ред ЕУ да покаже на дело.

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека земјата не може постојано да биде заложник на тоа дали ќе има или ќе нема датум за преговори.

На 23 јуни треба да се одржи Самитот ЕУ- Западен Балкан. Бугарија го блокира стартот на преговори на Македонија со ЕУ, со тврдење дека земјава ја краде бугарската историја и македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Изгледите да се тргне ветото до Самиот дополнително се комплицираат со превирањата во владината коалиција во Бугарија по најавата дека партијата „Има таков народ“ излегува од Владата.

Ковачевски вели дека за разлика од кај нас, во Бугарија прашање за преговорите беше издигнато на ниво на внатрешна политика и често беше еднострано инструментализирано и политизирано.