Годинашното издание на Скопје Прајд ќе се одржи на 25 јуни (сабота) под мотото „Излези за љубов! Достоинство. Еднаквост. Правда.“ Оваа година поради временските услови, собирањето за Прајдот ќе биде во 17 часот во Жена парк, а маршот низ улиците во Скопје ќе започне во 19:30 се до Стадионот на АРМ, каде ќе има и музичка програма.
Од Национална мрежа против хомофобија и трансфобија на денешната прес-конференција за претстојниот Скопје Прајд рекоа дека очекуваат безбеден марш, бидејќи, како што посочија, оваа година имаат одлична соработка со МВР.
„Повторно ќе има еден безбеден Прајд каде сите што ќе дојдат ќе може да се чувствуваат безбедно и ќе можат да се борат за тоа што мислат дека е важно и да ни се придружат. На Скопје Прајд, годинава, како и секоја година, ги славиме сексуалниот и родовиот диверзитет и ја промовираме квир културата“, нагласија од Националната мрежа против хомофобија и трансфобија.
Додадоа дека преку механизмите кои како невладини организации ги имаат од претходно, мониторираат на дневно ниво говор на омраза и најавија оти ќе го забележуваат секој говор на омраза и ќе го известуваат Одделението за електронски криминал во МВР, се со цел, како што посочија, заедно со МВР што повеќе да работат на делот од безбедноста кој е најважен, а тоа е превенцијата.