ВМРО-ДПМНЕ ќе се жали за конфискацијата на имотот пред Апелација - СДСМ бара да ги вратат украдените пари

Партиско седиште на ВМРО ДПМНЕ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најави дека партијата ќе поднесе жалба откако писмено ќе ја добијат пресудата пред Апелациониот суд во случајот „Талир 2“, со која се конфискува партиското седиште и уште 30-тина штабови низ земјата.

Партијата ја разгледува и можноста да отвори постапка пред судот во Стразбур за пресудата, рече опозиционерот Мицкоски и обвини дека пресудата е „политички процес во режија на СДСМ, ДУИ, обвинителите и судиите“.

„Не очекуваме дека нешто може во ова партизирано и октороирано обвинителство и судство да се измени, но ние ќе ги искористиме сите правни механизми кои ни стојат на располагање, а ќе ја разгледаме и опцијата да отвориме постапка и пред судот во Стразбур и правдата ќе биде докажана. Ние ќе продолжиме со нашата борба уште помотивирани, и уште поконцентрирани. Единствениот начин за победа над сиромаштијата, стопирање на инфлацијата, економијата да ни оди напред е смена на оваа власт“, изјави Мицкоски.

Од владејачката СДСМ пак денеска преку соопштение велат дека во судскиот процес се докажало дека ВМРО-ДПМНЕ на незаконски начин се стекнала со имот меѓу кој и Белиот дворец и уште 30тина простори низ државата, а на Мицкоски му порачаа да ги врати украдените пари од народот.

„Виде народот денеска дека Христијан Мицкоски ја разбира правдата исто како неговиот ментор Никола Груевски. Тој да седи во скапиот бел дворец, со вазни од 180.000 евра и плочки од 100.000 евра и да кажува на судот како да суди. Наместо да бараат изговори, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски да ги вратат парите“, се вели во реакцијата на СДСМ.

Судот вчера пресуди да се конфискува седиштето на ВМРО-ДПМНЕ поради незаконска изградба во случајот Талир 2.

Казна затвор од 6 години доби првообвинетиот поранешен премиер кој е во бегство, Никола Груевски, додека на второбвинетиот поранешен генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ Кирил Божиновски му одреди условна казна затвор од две години.

Тие се прогласени за виновни затоа што незаконски, со злоупотреба на положба за партијата ВМРО-ДПМНЕ прибавиле нов објект вреден 7 милиони евра и дополнителни 2 милиони евра со кои купиле дополнителен недвижен имот.