Иран отстрани 27 безбедносни камери на Агенцијата за атомска енергија

Илустративна фотографија - знаме на Иран.

Иран им нанесе речиси смртоносен удар на изгледите за заживување на нуклеарниот договор од 2015 година, бидејќи започна да ја отстранува скоро целата опрема за набљудување на Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА), која беше инсталирана според договорот, изјави шефот на Агенцијата Рафаел Гроси.

Иран предупреди дека ќе се одмазди доколку Управниот одбор на ИАЕА, составен од 35 земји, ја усвои резолуцијата подготвена од САД, Франција, Велика Британија и Германија, во која се критикува Техеран за неговиот континуиран неуспех да ги објасни трагите од ураниум пронајдени во непријавените локации. Резолуцијата беше усвоена денеска со големо мнозинство.

Иран во текот на ноќта ѝ соопшти на агенцијата дека планира да отстрани 27 камери и друга опрема, што е „во основа целата“ опрема за надзор инсталирана според договорот од 2015 година, што ги надминува основните обврски на Иран кон агенцијата, изјави Гроси на прес-конференција.

Гроси рече дека тоа ќе биде „смртоносен удар“ за преговорите доколку не се најде решение за прашањето во рок од три до четири недели. Тој додаде дека околу 40 камери за надзор останале во Иран.

САД реагираа дека Иран мора да соработува со Меѓународната агенција за атомска енергија и да обезбеди технички веродостојни информации како одговор на прашањата на групата, изјави денеска американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Преговорите за иранскиот нуклеарен договор може да се завршат само ако Техеран се откаже од надворешните барања, наведе Блинкен во соопштението откако Иран започна да ја отстранува опремата за следење на ИАЕА.