Следната недела Шарл Мишел во посета на земјите од Западен Балкан

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел следната недела ќе ги посети Црна Гора, Косово и Северна Македонија, дознаваме од извори во Советот на Европската унија (ЕУ). Мишел ќе ги посети овие три земји во периодот меѓу 14 и 16 јуни, а во Скопје ќе пристигне на 15 јуни.

Инаку во мај, претседателот на Европскиот совет го посети Белград кога се сретна со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и со премиерката Ана Брнабиќ. Еден ден подоцна, тој ја посети Босна и Херцеговина.

До неодамна, неактивен по прашањето за регионот, Шарл Мишел изминатиов период лично се вклучи во напорите за изнаоѓање решение за кризата во Босна и Херцеговина. Во наредните денови се очекува да ги покани сите политички лидери од БиХ во Брисел со цел да се организира заедничка средба за да се најде можно решение.

Станува збор за дополнителен ангажман на европски претставници во земјите од Западен Балкан во светло на руската агресија во Украина.
Европските претставници велат дека Мишел има за цел да покаже колку ЕУ е посветена на регионот.

Неговата посета на Западен Балкан доаѓа во пресрет на самитот ЕУ-Западен Балкан што ќе се одржи на 23-ти јуни во Брисел.

Меѓу другото, се очекува Мишел да ја претстави својата идеја за „геостратешка заедница“. Тој во мај рече дека повикал на постепено вклучување на земјите од Западен Балкан во одредени секторски политики на ЕУ, во согласност со нивниот напредок во процесот на пристапување. За оваа идеја тој веќе започна консултации со земјите членки на ЕУ.