Зеленски: Милиони би можеле да гладуваат поради руската блокада на украинските пристаништа

Украинскиот претседател Володимир Зеленски

Милиони луѓе би можеле да гладуваат поради руската блокада на украинските пристаништа на Црното Море, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Тој во телевизиска изјава рече дека светот е на работ на „страшна прехранбена криза“ и дека Украина не може да извезува големи количини пченица, пченка, нафта и други производи кои одиграле „стабилизирачка улога на глобалниот пазар“.

„Тоа значи дека, за жал, може да има физички недостиг на производи во десетици земји во светот. Милиони луѓе може да гладуваат ако продолжи руската блокада на Црното Море“, рече тој.

Русија окупираше големи делови од украинскиот брег во речиси 15-неделната војна. Руските воени бродови го контролираат Црното и Азовското Море, блокирајќи го украинскиот земјоделски извоз и зголемувајќи ги цените на житото.

Украина и Западот ја обвинуваат Москва за вооружување со храна. Русија вели дека за тоа се виновни украинските мини поставени на море и меѓународните санкции против Москва.

Украина извезла до шест милиони тони жито еден месец пред Русија да ја започне својата инвазија на 24 февруари. Оттогаш, количината падна на околу милион тони бидејќи Украина, која извезуваше најголем дел од својата стока преку поморските пристаништа, беше принудена да транспортира жито со воз преку својата западна граница или преку своите мали речни пристаништа на Дунав. Во Украина моментално се заглавени околу 20 милиони тони жито.