Телефонски разговор Зеленски-Шолц

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и германскиот канцелар Олаф Шолц

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека денеска разговарал со германскиот канцелар Олаф Шолц за загриженоста во врска со третманот на воените затвореници од страна на Русија.

„Разговаравме и за зајакнување на одбранбената поддршка за Украина и обезбедување на глобална безбедност на храната. Тој го покрена прашањето за почитувањето на Русија на меѓународните правила за третман на воените затвореници. Ја истакна и важноста на одлуките за интеграција на Украина во ЕУ“, објави Зеленски на Твитер.

Тој не даде повеќе детали во врска со телефонскиот разговор.

Руската државна новинска агенција ТАСС вчера објави дека повеќе од 1.000 украински војници кои го положиле оружјето во јужниот пристанишен град Мариупол сега се задржани на руска територија и се под истрага.

Откако ја нападна Украина на 24 февруари, Русија ги блокираше пристаништата на Украина, запирајќи ја испораката на илјадници тони жито од еден од најголемите светски добавувачи. Украинските власти, исто така, ја обвинија Русија дека краде резерви на жито од Украина и ги испраќа дома.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска е во посета на Турција на разговори за деблокирање на извозот на жито од Украина.