Вулкан на Филипините исфрли голем облак пепел

Локални жители ја чистат пепелта со кофи вода

Вулкан на истокот на Филипините денеска исфрли огромен облак пепел, поради што се евакуирани жителите на околните градови, а властите предупредија на можност од нови ерупции.

Ерупцијата на вулканот Булусан во провинцијата Сорсогон траела околу 17 минути, а пепелта била исфрлена најмалку еден километар во висина, соопшти филипинскиот Институт за вулканологија и сеизмологија.

Властите го подигнаа нивото на узбуна на 1, на скалата од 1 до 5, што укажува на ниско ниво на опасност.

Пепелта паднала врз два града во провинцијата Сорсогон, околу 500 километри од главниот град Манила, но засега нема пријави за повредени, наведе институтот.

Во крајбрежниот град Џубан, видливоста поради пепелта била нула во два кварта, а во чистењето учествувало противпожарно возило. Луѓето од градот се евакуираат, а предност имаат постарите и астматичарите.

Управата на аеродромот во Манила наведува дека засега нема откажани летови, но оти пилотите се предупредени да не се приближуваат до зоната на ерупцијата.

Вулканот Булусан е активен во последните години, а меѓу 2016 и 2017 година беа забележани десетици слични ерупции.

Филипини се наоѓаат на таканаречениот огнен појас на Пацификот, со активни вулкани и чести земјотреси.